Од декември камерите „Safe City“ ќе казнуваат и за непрописно паркирање

Од почетокот на декември, системот за видео надзор „Безбеден град“ (Safe City) официјално ќе добие нова функција.
Покрај регистрирањето на пречекорување на брзината и минување на црвено светло, камерите на Министерството за внатрешни работи ќе ги регистрираат, фотографираат и автоматски ќе ги санкционираат и возачите кои непрописно ги запираат или паркираат своите возила.
Автоматскиот надзор ќе се спроведува на главните улици и булевари каде што веќе се поставени камерите и се исполнети техничките услови за ваков вид контрола.
Според најавите, возачите повеќе нема да мора да чекаат полициски службеник да им изрече казна на самото место. Системот автоматски ќе го евидентира прекршокот, а сопствениците на возилата ќе добиваат електронски известувања за изречените казни.
Од надлежните служби појаснуваат дека софтверот ќе прави разлика меѓу непрописно запирање и паркирање, од една страна, и привремено запирање поради сообраќаен метеж, чекање пред крстосници или на црвено светло, од друга страна.
Со оваа новина се очекува да се подобри протокот на сообраќајот на најфреквентните булевари и да се намали блокирањето на сообраќајните ленти, велосипедските патеки и пешачките премини.